При секој оброк постои една работа на која многу луѓе помислуваат уште пред првиот залак. Што е тоа?
СОЛ.
Солта е најстариот и најзначајниот зачин на светот и затоа е клучна компонента во опстанокот на луѓето, животните и билките. Нејзиниот вкус е единствен и разноврстен. Ја збогатува скоро секоја храна, блага или солена, и се додава во сѐ.
Која сол да се одбере? Морска или камена? Хималајска, келтска, црна или цветен сол? Збунети сте?
Без сол нема живот. Таа учествува во регулацијата на водата во телото и подобрувањето на прекумерната киселост во клетките. Солта ги регулира метаболичките процеси и нивото на шеќер во крвта, го успорува стареењето на организмот, ја стимулира апсорпцијата на храна во цревата, му помага на телото да се ослободи од вишокот на слуз во белите дробови, помага во чистењето на синусите, спречува грчење на мускулите, ги зацврстува коските, го средува циклусот на спиење и будност, го спречува ширењето на вените во нозете и бутовите и многу повеќе.
Како што расте свеста за загадувањето и здравата храна, така дознаваме и дека секоја сол има единствен вкус, во зависност од своето потекло. На тој начин се појави ново хоби меѓу гастрономите – вкусување и проценување на сол. Се продаваат и таканаречени дизајнерски соли кои всушност претставуваат квалитетна, нерафинирана морска сол и различни здрави додатоци, како на пример зачински тревки.
Општо за солта
Постојат три видови готварска сол според начинот на добивање: сол добиена со вриење, морска и камена сол.
Солта добиена со вриење се добива од наслага на сол на места каде што некогаш имало море, па со неговото повлекување се наталожувало сол. Со бушење и поставување цевки (слично како за нафта) се доаѓа до наоѓалишта на сол, се пушта вода која ја топи солта, саламурата се дига на површина, додека пак остатоците кои не можат да се стопат остануваат на дното. Саламурата се испумпува, а водата испарува за да остане само NaCI. За овој процес најдобар пример е рудникот за сол во Тузла кој е остаток од старото Панонско море, како и најблиската странска солана која се наоѓа во Австрија – местото наречено Ебенсе.
Морската сол се добива во солани со испарување на морската вода во големи плитки базени. Процесот на испарување започнува во првиот базен во кој концентрацијата на NaCl е најмала (морска вода) а завршува во последниот, во кој морската вода е толку презаситена, што солта се таложи на дното на базенот. Сушењето се одвива само во летните месеци кога има најдобри временски услови за производство.
Камената сол се добива со копање на наслагите сол во рудници (слично како јагленот), а потоа таа сол се меле и се прочистува. Камената сол е морска сол која настанала пред неколку милиони години како резултат на сушење на големите океани. Оваа сол најчесто има поминато низ неколку фази на индустриска преработка , па затоа содржи бројни адитиви кои во главно спречуваат згрутчување на солта. Во оваа сол може да се најде и алуминиум кој се поврзува со појава на Алцхајмеровата болест. Постарите ќе се сетат како во поранешна Југославија во главно се користела камена сол, додека морската сол скромно се појавувала или се користела само во морските краеви (во близина на соланите).
Готварската рафинирана сол содржи 97,5% NaCl и 2,5% додадени хемикалии како што е додаден јод. Сушена на повеќе од 650ºC, оваа сол ја менува својата природна хемиска структура, а тоа пак ја зголемува веројатноста од појава на здравствени проблеми.
Камени соли
Црна сол, Kala Namak, Sanchal
Црната сол се добива од вулканските подрачја на Пакистан и Индија. Се користи во индиската кујна како зачин кој им дава специфичен вкус на салатите, предјадењата и другите видови јадења. Црната сол всушност не е црна, туку таа има виолетова боја и карактеристичен мирис на сулфур кој е многу сличен на мирисот на варени јајца. Овој зачин е многу популарен и во западниот свет, особено кај веганите и вегетаријанците. Често се користи во јадења кои дозволуваат мирис и вкус на јајца, како на пример се додава во тофу или во панир. Според индиската медицина, наречена Ајурведa (Ayurvedа) црната сол е многу здрава намирница.
Според Ајурведа црната сол:
∙ го подобрува варењето на храната
∙ помага при надуеност во стомакот и затвор
∙ е добар извор на железо
∙ го подобрува видот
∙ го подмладува организмот
Хималајска кристална сол
Хималајската кристална сол се вади рачно од солените бразди во подножјето на Хималаите. Потеклото ѝ е од праморето, екосоставот ѝ е незагаден и стар повеќе од 250 милиони години. Содржи 84 минерали и елементи во иста мера како што има во нашиот организам. Се меле рачно за да се зачуваат сите нутрициски вредности. Се користи наместо готварската сол за зачинување на храната, но и за приготвување на терапевтски напитоци и купки (за купки се користи крупно мелена сол).
Перуанска розева сол
Оваа сол потекнува од врвовите на Андите. Врелите извори низ својот пат кон рамнините ја мијат камената сол.
Морска сол
Нерафинирана морска сол
Солта која денес масовно можеме да ја најдеме во продавниците не е ништо друго туку чист натриум хлорид. Во процесот на хемиската преработка, рафинираната сол ги губи сите вредни минерали и се уништува изворната структура.
Таквата сол не може да му донесе ништо друго на нашиот организам освен штета. Но тука ќе зборуваме за природна, нерафинирана сол која не е подложна на хемиска преработка и навистина ги содржи сите важни минерали. Да повториме дека секоја сол содржи натриум хлорид. Но, природната сол освен натриум хлорид, содржи уште многу други корисни минерали и на тој начин е многу подобра од преработената.
Денес лекарите и нутриционистите препорачуваат исклучиво морска сол. Затоа денес во продавниците за здрава храна сѐ почесто наоѓаме изворна нерафинирана морска сол без адитиви.
Морската сол содржи околу 80 минерали и елементи во трагови, а сите тие се важни за општото здравје. Тие се во природна форма затоа што при испарувањето на морската вода на дното на базенот не останува само NaCI (натриум хлорид е хемискиот назив за сол), туку и сите други состојки кои биле растопени во морската вода.
Таквата морска сол е богата со различни состојки. Меѓу споменатите 80 различни минерали, елементи во трагови, карбонати и сулфати, се наоѓа и калциум, калиум, бром, натриум, манган, магнезиум, јод, железо, флуор и силициумска киселина.
Изворната морска сол е крупна и таа треба да се користи во секоја прилика кога тоа е можно, како на пример при готвење на храна која термички се обработува. Ситната сол најчесто се користи при подготовка на салати.