Кисела Зелка

zelkaКупените цврсти главици зелка оставете ги да постојат неколку дена, а при изборот потрудете се да пронајдете домашна зелка одгледувана на вистински начин.

Најпрво се отстрануваат старите и оштетени надворешни листови, а потоа со остар краток нож се вади дел од тврдиот дел од коренот. Направете мешавина од Нерафинирана Морска Сол и бибер во зрна и со неа исполнете ги направените дупки во главиците зелка. Сите зелки ставете ги во поголемо буре. Потоа во садот истурете го остатокот од мешавината, па на крајот додадете корен од рен. Бидејќи е важно зелките да останат под нивото на солената мешавина, врз мрежестите пластични решетки ставете одреден товар, а целиот сад прекријте го со најлонска фолија и затворете го “херметички” со капак. Со текот на времето, доколку солениот раствор не е доволен да ја прекрие зелката, додавајте вода. Соленоста на водата треба да се контролира; доколку недостасува сол, додадете. Знак дека сте ставиле премалку сол е заматената вода.

По четириесетина дена, киселата зелка е подготвена за употреба. На солената вода во која стоела зелката, нутриционистите ѝ припишуваат лековити својства, особено за подобрување на дигестивниот систем.